Остин: САД не поставија краен рок за завршување на интензивната фаза на офанзивата во Газа

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вечерва изјави дека САД не му одредиле краен рок на Израел за запирање на актуелната интензивна фаза на офанзивата во Газа.

На прес-конференција во Тел Авив, Остин рече дека во разговорите со неговите израелски колеги дискутирале за целите и задачите на израелската војна и како да се намалат цивилните жртви

Остин и други американски официјални лица постојано изразуваат загриженост за големиот број цивилни жртви, но тој рече дека САД не поставиле директни барања.

– Тоа е израелска операција. Јас не сум тука да диктирам рокови или услови, потенцираше шефот на Пентагон.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека земјата нема да се двоуми да дејствува против либанската екстремистичка организација Хезболах доколку не се воспостави мир на чувствителната граница со Либан.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Од почетокот на војната меѓу Израел и екстремистите од Хамас во Газа на 7 октомври, проиранскиот Хезболах изврши серија ракетни напади на северот, што предизвика израелски напади. Десетици илјади Израелци беа принудени да се евакуираат од пограничните населби.

Прекуграничната размена на оган ги зголеми стравувањата од поширок регионален конфликт.

На прес-конференцијата со Остин вечерва, Галант рече дека Израел очекува Хезболах да го почитува примирјето од 2006 година што предвидува либанската екстремистичка организација да се држи подалеку од границата.

– Доколку таков процес не се спроведе дипломатски, нема да се двоумиме да дејствуваме, рече Галант.

МИА

- Реклама -