Освен ЕСМ, и МЕПСО исплатила милиони за регрес за годишен одмор во сред пандемија

Покрај државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ, преименувана од ЕЛЕМ), која во сред пандемија потрошила 2.6 милиони евра за во јуни да им исплати регрес за годишен одмор (К-15) на вработените, истото го направила и државната МЕПСО, дознава „ТВ24“.

И во оваа енергетска компанија секој од вработените добил по 26.000 денари, односно К-15 во износ на просечна плата во компанијата, но за разлика од ЕСМ, МЕПСО не дава детали за тоа колкава сума и за колку вработени биле потрошени, пишува „ТВ24“, пренесувајќи го штуриот одговор од АД МЕПСО дека „им исплатиле К-15 на своите вработени согласно Законот за работни односи и Колективниот договор“.

И во ЕСМ исплатата е согласно законот, но како што соопштија медиумите, се случила веднаш откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредната состојба. Згора на тоа, се случува во време кога државата има отворено сметки на кои граѓаните можат да донираат, а има формирано и посебен Ковид-фонд.

Од Министерството за финансии потврдија дека исплатата е законска, но реагираа дека не е коректна, бидејќи треба да се земе во предвид и моралниот аспект, од аспект на кризата:

„Со укинувањето на уредбата од страна на Уставниот суд, нема законски основ по кој може да им се ограничи ваквата исплата на јавните претпријатија, но сепак во вакво време сите треба да го имаме предвид и моралниот аспект и одговорноста и оправданоста на секоја одлука која ја носиме“.

Од ЕСМ, пак, се правдаа дека наместо во мај, регресот за годишен одмор го исплатиле дури во јуни, откако Владата со уредба ги задолжила работниците да го искористат годишниот одмор во јуни, и дека за разлика од претходно, кога не се исплаќал, во последните три години редовно исплаќале К-15.

Што се однесува до забелешката на министерката Нина Ангеловска, од ЕСМ одговорија дека за компанијата не е меродавно толкувањето од Mинистерството за финансии за тоа дали исплатата кон работниците е коректна, морална и етичка, бидејќи, како што велат, во услови кога државата прави напори да помогне на сите, тие го направиле токму тоа; со тоа што ги помогнале вработените, но и со тоа што го полнеле државниот буџет – како со персоналниот данок во износ од 16 милиони денари на исплатената сума, така и со тоа што членовите на Управниот одбор своите плати над износот од 14.500 ден. ги уплатиле во фондот за борба против КОВИД-19.

Сепак, поради атрактивноста на позицијата и висината на платите, државните ЕСМ и МЕПСО во изминатите години се покажуваат како компании во кои се вработуваат блиски роднини на функционери. Праксата покажа дека властите се менуваат, но „роднините“ остануваат да си работат, констатира „ТВ24“ (прилогот погледнете го ТУКА).

- Реклама -