Откако „се јави“ Северна, и климата си е*а мајката…

Фото: Wikimapia.org

Пишува: Батко Тане

Откако „се јави“ Северна и климата нешто си е*а мајката…

Македонија (посебно Скопје) го живее своето најладно лето, онака за промена, да заштедиме од климатизери, оти бајаги се испотрошивме откако „дојде животот“.

Се враќав од работа со такси, кога покрај автомобилот со којшто се возев помина еден еден од оние моторџии, кои немаат дилема за тоа дали „малиот“ во нивните гаќи е мал со или без наводници. Минијатурен е…

А кога ти е минијатурен мораш да направиш нешто за да те забележат. Најчеста „урбана“ алатка за тоа е кревање над 120 km/h со мотор, со (не)моторџиска јакна и нормално БЕЗ КАЦИГА. Со мојот драг незнаен пријател таксистот стигнавме до заклучок дека, батево веќе ако решило да се отепува, нема да биде фер во целата таа негова суицидална мисија да биде замешан и некој случаен возач, кој ете за беља ќе биде закачен од него.

Алелуја…

Во Македонија била таа Поранешна или Северна нема ред. Никој не протестира за да има ред. Никој не бои за да има ред. Ред и правдина. Секогаш има нешто поважно од тие две работи.

„Само моторџиите се мењаат“ – рече таксистот. Во право е. Ако до вчера дужина на полов орган демонстрираа „опасните“ момци на „црвените“, денеска истото го прават „мангупите“ на „сините“.

Постојат секако и „неопределени“… тие можат да направат пиздарија по нарачка без разлика на партијата, едноставно треба да им се допадне понудениот хонорар.

Народот…

Тој си излегува на избори и после секои избори неговата агонија продолжува, без разлика дали има ерга омнес решение за името или не. Народот се снаоѓа. Народот никој не го есапи, оти, како што вели Сталин, не е важно, кој како гласал, туку важен е оној што ги брои гласовите. Народот имал потреби… ама и тие што го „водат“ народот си имаат, и нивните потреби се многу поважни.

Таксистот ми рече дека работел на уште едно место. И на следни избори ќе го поништел својот глас. Оти не гледа разлика во „онадењето“ на едни и на други. За референдумот не го прашав. Драги политичари, додека ви ги спремаат говорите, кажете им на вашите помошници, да ги спомнат и тие што наместо да висат по вашите штабови или да чекаат порака за на протест, работат и по две работи…

„Јас може сум таксист, ама не сум глуп“- рече мојот незнаен пријател, јас му посакав еден куп работа и се разделивме. Можеби некогаш пак нашите патишта ќе се спојат. Мала е Македонија, мала и убава без разлика дали е Поранешна или Северна…

- Реклама -