Откриен „сериозниот дефект“ на авионот на Меркел, се истражува дали има криминална позадина

Германските истражители ќе проверуваат дали причината за дефектот на авионот со кој германската канцеларка Ангела Меркел требаше да одлета во Аргентина на самитот на Г20, има криминална позадина, објави германскиот „Рајнише пост“.

Меркел беше на пат кон самитот кога владиниот Ербас А340 бил приморан да направи непланирано, но безбедно слетување на аеродромот Келн-Бон.

Кога капетанот на авионот ги информирал патниците, тој соопштил дека одлучил да го замени авионот поради „дефект во неколку електронски системи“, но притоа уверил дека нема безбедносна опасност.

„Сериозен дефект“

Така Меркел го нарече инцидентот. Таа, заедно со германскиот министер за финансии Олаф Шолц, денеска рано утрово го продолжила патот кон Буенос Аирес, но без можност да стигнат пред челниците на Г20 да ја почнат расправата.

Како што дознава „Рајнише пост“ од безбедносни извори, владата сега проверува дали инцидентот има „криминална позадина“. Според изворите, во вакви ситуации истрагата редовно „оди во сите насоки“.

Германскиот „Дер Шпигел“, пак, објави за каков проблем се работело. Во дефект бил целокупниот комуникациски систем во авионот. Поради тоа бил приморан да слета користејќи сателитски телефон.

- Реклама -