Со музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ, вечерва ќе биде отворена 36. Поетска ноќ во Велестово, која ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. По концертот, следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потоа и настанот „Поетско интермецо“.
Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Во интернационалната програма на фестивалот ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, Кина, Хрватска, Србија и Македонија.
Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.