Отворено писмо на граѓани на Бугарија и Македонија, од премиерите бараат надминување на недоразбирањата

Софија, 8 јануари 2022 (МИА) – Граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, заедно со Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб – Скопје и Бугарско-македонска стопанска комора упатија отворено писмо до премиерите на Бугарија и на Република Северна Македонија, во кое ја поздравуваат желбата на двајцата премиери за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие ги поздравуваат конструктивните потези на новата бугарска влада и лично на премиерот Кирил Петков и се надеваат дека и Димитар Ковачевски и новата влада во Република Северна Македонија, доколку бидат избрани, ќе направат исти такви коректни и точни потези. Според авторите на писмото, барањата на Петков за проширување на односите меѓу Софија и Скопје со заеднички работни групи во различни области се можност да се потпрат на Договорот за добрососедство, кој, се наведува, треба да биде фундаментален за односите меѓу двете земји. Ова исто така, се додава, ќе и овозможи на Бугарија да ја врати својата корисна улога во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, како и да ги поттикне аспирациите на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.

Авторите на писмото кое е поддржано од 185 граѓани, се надеваат дека идниот премиер на Република Северна Македонија ќе ја поттикне македонската дипломатија и институции да заземат проактивна позиција за носење на неопходните одлуки во македонското општество и добрососедската политика со Република Бугарија – преку активен дијалог и позитивна размена на идеи за нови односи и политики на промени.

Во исто време, тие се загрижени поради, како што се посочува, постојаните обиди на екстремните националисти во двете земји да го нападнат овој процес. Нивниот пристап до јавните бугарски и македонски медиуми е особено загрижувачки, каде постојано сеат меѓусебна недоверба и омраза, настојувајќи да ги поткопаат новите напори за промена кои се во зародиш. Авторите на писмото зад ваквите постапки ги гледаат пипалата на поранешните агенти на Државната безбедност и УДБА, од кои некои во јавниот простор изложуваат стари и лажни идеолошки пароли, кои звучат примамливо, но се штетни за добрососедските односи.

„Не треба да се дозволи да не поделат гласовите на поранешните агенти на Државната безбедност и УБА, научници и јавни личности кои соработувале со тоталитарните режими кои дејствуваат против интересите на двете земји. Ваквите луѓе инволвирани во наметнување на спротивставување и поделеност во политиката не треба да бидат дел од институционалниот и социјалниот дијалог меѓу двете држави и двата народа“, стои во писмото.

- Реклама -