Ова не е виц, ова е Македонија

Текстот е преземен од ТВ канал ВИС, без интервенции, заради акцент на апсурдот… (Фино ги замолуваме да не ни се лутат)

Жителите од струмичкото село Висока Маала ја бојкотираат наставата и од стартот на второто полугодие децата не ги пуштаат на училиште. Револтирани се што долгогодишниот учител од нивното село остаснал без работа и бараат итно да биде вратен. Сметаат дека причината е политичка.

„Не е еден ден, не се два дена. 14 години е учител тука и сега, пред да почне второто полугодие го отпуштија. Според мене, причината е партиска, и затоа ние нема да се помириме додека не го вратат на работа“, изјави Јусуф Дестанов, претседател на месна заедница во Висока Маала.

изјава на жител на с.Висока Маала

Наставникот вели дека 14 години предавал во Висока Маала и досега немал проблеми. Признава дека има само средно образование, но вели дека и новата учителка не е со соодветно образование бидејќи дипломирала за настава на македонски јазик, а децата во Висока Маала се од турска националност и следат настава на турски јазик.

„Нема друга причина да ме извадат од работа освен партиска. Градоначалникот ме отпушта затоа што не сум работел за Сдсм. Ама јас немам работено за никоја партија: ниту за Сдсм, ниту за Вмро Дпмне. Точно е дека немам факултет, само средно образование, но не е соодветно образованието и на другиот кандидат што е примен на мое место. Таа има завршено за настава на македонски јазик, а овде се предава на турски јазик“, вели Ајваз Мемедов, поранешениот наставник.

Од општина Василево ги отфрлија обвинувањата. Велат дека Мемедов не ги исполнува условите од огласот и затоа не е избран за работното место.

„Најенергично ги отфрлам обвинувањата на господинот Мемедов, дека поради политички причини е отпуштен од работа. Таму имаше оглас и тој едноставно не ги исполни условите на огласот. Причината што досега останал на работа е што на претходните огласи не се пријави кандидат што ги исполнува условите. Затоа, апелирам родителите да ги пуштат децата да се вратат на училиште и да не ја пропуштаат наставата“, изјави Марјан Јанев, градоначалник на о.Василево.

 

- Реклама -