Зvezдата на серијата „The Studio“, Ајк Баринхолц, е во завршна фаза на преговори со студиото „Amazon MGM“ за улогата на Елон Маск во новиот филм на Лука Гвадањино.
Во последно време беше најавено дека познатиот режисер создава впечатлива актерска екипа за филмот „Вештачка интелигенција“. Меѓу актерите се и Ендру Гарфилд, Купер Кох и Јуриј Борисов.
Филмот „Вештачка интелигенција“ ги истражува бурните настани од 2023 година во компанијата за вештачка интелигенција „OpenAI“, кога извршниот директор Сем Алтман беше отпуштен и повторно вработен во краток временски период. Овој проект е опишан како „комична драма сместена во светот на вештачката интелигенција“.
Според информациите, Гарфилд ќе го игра Алтман, додека Борисов ќе го толкува Илја Суцкевер, коосновачот кој водеше иницијатива за отстранување на Алтман. Во моментов не се познати деталите околу улогата на Кох.
Моника Барбаро сè уште е во преговори за улогата на главната технолошка директорка, Мира Мурати.
Маск, заедно со Алтман и останатите, беше коосновач и инвеститор во „OpenAI“ во 2015 година, но по три години ја напушти компанијата, веројатно поради несогласувања околу насоката на работењето. Особено му пречеше соработката со „Microsoft“, како и фокусот на профит, а често предупредуваше за потенцијалните ризици на вештачката интелигенција за човештвото.
Снимањето на филмот се очекува да започне до крајот на годинава, откако сите актери и екипа ќе ги потпишат своите договори.




