Палмер: Србија никогаш нема да влезе во ЕУ без да го признае Косово, неговата иднина ќе го обликува соседството

Србија никогаш нема да влезе во Европската унија без признавање на Косово, порачал специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан – Метју Палмер, во обраќањето до косовските студенти во Националната библиотека во Приштина, пренесуваат приштинските медиуми.

Палмер додал и дека српскиот претседател Александар Вучиќ го знае тоа и дека Косово не може да биде изоставено од трајното решение на Балканот. Решавањето на „односите меѓу Косово и Србија“ останува стратешки приоритет на САД, истакнал тој.

Притоа, специјалниот претставник на САД, во име на американската влада, ја повикал новата косовска влада да го интензивира дијалогот со Србија и да ја „искористи шансата“:

„Не гледаме интеграција на вашата земја без помирување со Србија. Заслужувате НАТО, ЕУ, ОН, заслужувате да не бидете зад САД, туку рамо до рамо со нас. Таква е иднината низ дијалог, бидејќи статус-квото не е доволно“, истакнал Палмер.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Од Србија, пак, американскиот дипломат побарал да ја запре кампањата што ја води кај земјите за повлекување на признавањето на Косово.

„Решението за стабилност на Балканот е интеграција на Косово. Целосна интеграција на Косово останува наша обврска… Вучиќ знае дека Србија никогаш нема да влезе во ЕУ без решение на проблемот со Косово. Ве повикувам да ја искористите оваа прилика. Иднината на Косово ќе го обликува неговото соседство“, рекол Палмер.

„Преговорите со Србија беа комплицирани. Но косовската историја отсекогаш се однесувала на совладување на предизвици и компромиси. Вашата државотворност е неотповиклива и сега вам ви е потребна нормализација за да го искористите големиот потенцијал кој го поседувате“, истакнал специјалниот претставник на САД пред студентите.

 

 

- Реклама -