Палмер за членството во НАТО: Ќе биде, ако не во декември, тогаш на некој друг датум, за неколку месеци

Ако не во декември, тогаш за неколку месеци, но во секој случај Северна Македонија наскоро ќе стане членка на НАТО, вели специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан – Метју Палмер, во интервју за RTCG во рамките на неговата официјална посета на Црна Гора.

„Остана еден број членки кои треба да го ратификуваат протоколот за пристапување, вклучително и САД. Тоа бара интерна процедура во Сенатот и ние се надеваме дека сѐ тоа ќе биде завршено до декември. Ако тоа не се случи, тогаш ќе постават некој друг датум, за неколку месеци. Уверен сум, меѓутоа, дека Северна Македонија наскоро ќе стане 30. членка на НАТО“, вели Палмер.

Тој зборуваше и за руското влијание на Западниот Балкан, истакнувајќи дека САД имаат суштински различна визија за регионот во споредба со Русија:

„Западниот Балкан го гледаме како член на семејството западни земји, интегрирани во евроатлантските институции, како земји во кои се соработува врз основа на правила и норми. Русите покажаа дека сакаат регион основан на нереди и на недоверба. Мислам дека тоа најјасно го видовме во Црна Гора, кога Русите го поддржаа државниот удар во 2016-та година, кој претставуваше досега нечуен потег за да се спречи Црна Гора да оди кон НАТО и Западот“, рече Палмер во интервјуто.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Прашан дали може нешто такво да се повтори, Палмер рече дека нема ниту една информација која би навестила дека тоа повторно би можело да се случи:

„Сепак, не мислам дека Русите завршиле со настојувањата да прават проблеми во Црна Гора и на Западниот Балкан и тоа го гледаме во целиот регион“, рече специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан.

 

- Реклама -