После четири неуспешни обиди на Јавното сообраќајно претпријатие да се воспостави систем на електронска наплта на билети и автоматска локација на автобусите, на последната електронска аукција што се одржала во петокот, компанијата „Т-мобиле“ во конкуренција со фирмата „Виста“, дала најповолна понуда. Откако ќе помине законскиот рок за поднесување жалби, официјално ќе биде објавена и сумата на избраната компанија која ќе го реализира овој проект.
Со автоматската локација, патниците на автобуските станици со електронски табли ќе добиваат информации за колку време ќе пристигне автобусот што го чекаат. Возилата ќе бидат следени преку сателит и информациите ќе се проследуваат во реално време. Избраната фирма ќе има задача да постави 40 информативни дисплеи на автобуските станици , преку кои патниците ќе добиваат информации за пристигнувањето на автобусите.
Со воведувањето т.н „паметни“ билети, ќе се избегнат билетите од хартија и ќе се скрати времето на влегување на патниците во возилата. Тие ќе можат да бидат купени под формата на електронски припејд-картички, кои ќе ги дополнуваат со толку пари колку што сакаат граѓаните, а при влегувањето во автобус ќе ја приближат картичката до читач, кој од неа ќе им одземе сума колку што чини возењето.
Текстот е објавен во соработка со Socialnet.mk