Пандев ќе го пропушти стартот на Серија А

Горан Пандев ќе го пропушти стартот на новата натпреварувачка сезона во Серија А, откако македонскиот ас заработи црвен картон на дуелот од Суперкупот на Италија.

Пропозициите велат дека исклучување во ова натпреварување повлекува само по себе суспензија што ќе се однесува на натпреварите од Калчо лигата, па јасно е дека Пандев нема да му биде на располагање на тренерот Валтер Мацари за првите неколку средби од новата сезона.

Со оглед на фактот дека стануваше збор за директен црвен картон, и тоа за навредување на судија, се очекува Македонецот да биде „награден“ со три меча неиграње од страна на Дисциплинската комисија. Ова би значело дека Пандев нема да настапи на премиерниот натпревар од новата сезона, на Сицилија против Палермо (26 август), но и дека нема да биде во комбинација за настап на следните два меча, што „Наполитанците“ ќе ги играат на домашен терен со Парма и со Фиорентина.

Отсуството на Пандев ќе претставува огромен проблем за тренерот Мацари, со оглед на фактот дека македонскиот репрезентативец беше убедливо најдобар фудбалер на Наполи во подготвителниот период, постигнувајќи барем по еден погодок на секој од седумте натпревари што овој тим ги одигра летово.

- Реклама -