Папата Франциск на литургијата на плоштадот „Македонија“: Гладни сме за леб, Господи

Централната програмска содржина од апостолската посета на Папата Франциск беше светата литургија која се одржа на плоштадот „Македонија“ во присуство на највисоките претставници на државата. Меѓу нив беа и претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и министри членови на Владата на РСМ, на дипломатскиот кор и на граѓанското општество.

Пред илјадниците присутни верници од Католичката црква од земјата, од регионот и Европа, со светата миса чиноначалствуваше Папата Франциск, во сослужение со кардиналите и бискупите од Ватикан, како и од свештениците на Скопската Бискупија на Католичката Црква во Северна Македонија.

По читањето на делови од евангелијата на светите отци и по молитвите што се упатуваат од светата литургија за време на подготовката на светата причест, Папата Франциск до верниците ги упати пораките од омилијата, односно беседата.

„Во Евангелието, околу Исус, се концентрира една толпа која сé уште пред очи го имаше умножувањето на лебовите. Еден од тие моменти што остана втиснат во очите и во срцето на првата заедница на ученици. Тоа било за славење… Прослава за откривањето на изобилието и вниманието на Бог кон своите деца, станати браќа во делењето и споделувањето на лебот…“, ја почна Папата Франциск мисата на плоштадот, порачувајќи дека денес јадеме еден друг леб, тврд:

 

„Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот; верувавме дека конформизмот ќе ја намали нашата жед и завршивме напоени со рамнодушност и бесчувствителност; се храневме со раскошни и големи соништа и завршивме со јадење одвратност, затвореност и осаменост; се заситивме со поврзувања и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуалноста, го изгубивме вкусот и мирисот на реалноста.

Да кажеме силно и без страв: гладни сме, Господи… Гладни сме, Господи, за лебот на твоето Слово способно да ги отвори нашите затворености и нашите осамености; гладни сме, Господи, за братство каде индиферентноста, дискредитирањето, клеветењето нема да ги наполнат нашите маси и нема да го завземат првото место во нашиот дом. Гладни сме, Господи, за средби во кои твоето Слово ќе биде во состојба да ја издигне надежта, да ја пробуди чувствителноста, да го сочувствува срцето, отварајќи патишта за преобразување и обраќање.

Гладни сме Господи за искусување (за доживување), како онаа толпа, на умножувањето на твоето милосрдие, способно да ги скрши стереотипите и да го делиме и споделуваме сочувството на Отецот кон секоја личност, посебно кон оние за кои никој не се грижи, кои се заборавени или понижени. Да го кажеме тоа силно и без страв, гладни сме за леб, Господи: за лебот на твоето слово и за лебот на братството“.

Папата Франциск порача дека Господ е живиот Леб од небото и да го следиме неговиот повик: „Кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“.

Прочитајте и:  Папа Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

Тој се помоли чудото на умножителот да стигне и допре до секој агол во оваа земја, а на луѓето им порача да го трансформираат божјото Слово во своите сопствени избори и чувства, така што ќе говорат со Неговиот речник, „речникот на лебот што изразува нежност, пријателство, пожртвувана посветеност на ближните, на конкретната и опиплива љубов бидејќи е секојдневна и реална“.

Во мисата Франциск ја спомена и Мајка Тереза:

„Глад за леб, глад за братство, глад за Бог. Како сето ова многу добро го познаваше Мајка Тереза, која сакаше да го изгради својот живот на два столба: на Исус присутен во Евхаристијата и Исус присутен во сиромасите! Во љубовта што ја добиваме и во љубовта што ја даваме. Два неразделиви столба кои го одбележаа нејзиниот пат, ја придвижија, желна и самата да ја смири својата глад и жед. Таа отиде кај Господ и, во исто време, кај понижениот, несаканиот, самиот и заборавениот брат; отиде кај братот и го најде лицето Господово… Бидејќи знаеше дека Божјата љубов и љубовта кон ближниот постојат заедно: во најмалиот го среќаваме самиот Исус и во Исус го среќаваме Бог, токму таа љубов беше единственото нешто способно да ја засити гладта“.

- Реклама -