Пациенти и тела на починати лежат кревет до кревет во битолската болница, Филипче побара вонредна инспекција (ФОТО)

Вознемирувачки фотографии од морбидната атмосфера во битолската болница денеска ги обиколија социјалните мрежи и ја разбрануваа јавноста. Како што може да се види од објавата на Фејсбук на  Васко Белески, во болничката просторија, (живи) пациенти примаат инфузија додека на соседните кревети до нив лежат тела прекриешни со чаршафи.

„Барам министерот Филипче да си даде оставка и хитно да се формира нова влада на експерти! Овие фотографии се направени во болница во Битола. Од четири кревети, двајца примаат инфузија, на другите два кревети има два лешеви. Под хитно оставка на министерот Филипче заедно со Заев. Полошото тек доаѓа“, пишува Белески во објавата, додека во друга потенцира дека тоа (оставка и формирање експертска влада) треба да биде првиот чекор во понатамошното справување со пандемијата.

Во коментарите, пак, можат да се сретнат и други слични сведоштва од болницата во Битола.

 

 

Директорката на клиничката болница во Битола – доктор Билјана Гагачовска, за „Слободен печат“, потврди дека она од фотографиите на Белески навистина се случило, притоа посочувајќи дека не станува збор за починати од ковид, или пак ковид-пациенти:

„Информирана сум дека вчера амбулантски починале пациенти. Согласно законот веднаш се покриени, информирано е обезбедувањето, информирани се погребалните претпријатија и семејствата и фотографијата е снимена додека се пренесат во мртовечницата во болницата. Пациентот законски мора да остане два часа во институцијата во која што починал. Овие пациенти амбулантски примале терапија и починале. Фотографијата е снимена додека да се однесат во болничката мртовечница. Не се работи за ковид пациенти туку за пациенти во тријажниот дел“, вели Гагачовска, појаснувајќи дека нивната состојба се влошила додека биле на тријажа и дека тамо се лекуваат или доаѓаат пациенти во потешка состојба, но од други заболувања, а не од ковид.

Во меѓувреме, се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. „Фотографиите кои што од пред малку се споделени на социјалните мрежи го покажуваа дното на нечовечноста и нехуманоста во болниците на смртта. Ова е ужас! Во македонските болници владее целосен хаос, безживотни тела оставени во простории, во ходници, во чекални, целосно безредие во организација на Филипче и Заев. Ова е пресериозно за да се остави да продолжи понатаму, бидејќи со нивниот несериозен приод доаѓа уште полошо. Ова е пресериозна состојба за македонското здравство да се остави во рацете на Филипче и на Заев“, порача портпаролот на партијата – Наум Стоилковски, кој побара темелна истрага за случајот, но исто така и итна неотповиклива оставка на Филипче од ресорот здравство и итна оставка на владата на Зоран Заев, и итно формирање на експертска влада.

Министерот за здравство, пак, како резултат на објавените фотографии, побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола, со цел да се утврди фактичката состојба.

Од Министерството соопштуваат дека Гагачовска ги информирала дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два кревета за време на интервенција, пациентите починале. Согласно лекарските регулативи во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1: „Преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето“, телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртвачница, наведуваат од Министерството.

Оттаму го поворија апелот – доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ.

 

 

- Реклама -