Разрешениот директор на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, се вратил на старото работно место – главен регионален инспектор во Регионалната дирекција на УЈП во Тетово, открива тој во разговор со порталот „Фактор.мк“, кој (веројатно по вчерашното разрешување на директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ана Петровска) се заинтересирал што прави денес човекот кој беше сменет поради „пркос“ кон Владата.
Покрај за она што го остави во ДПИ и сегашното работно место, како и квалификациите потребни да се биде инспектор, во разговорот со „Фактор.мк“ Пауновски открива и какви се неговите сегашни односи со премиерот Зоран Заев и неговата матична партија – СДСМ. Прашан дали има комуникација и дали можеби останал пријател со него, Пауновски вели дека тоа е невозможно:
„Не можете да имате коумуникација или да бидете пријател со човек кој не ви излегол во пресрет кога требало и со човек со кој во опозиција заедно сте се залагале за едни принципи, а сега му се промениле ставовите“, вели поранешниот челник на ДПИ.
Што се однесува до СДСМ, каде 11 години беше претседател на Општинска организација, Пауновски вели дека нема логика да е активен во партијата, но и потенцира дека нема намера да биде дел од внатрепартиски фракции.
„Ако не можеш нешто да постигнеш додека додека си во власта, уште помалку тоа можеш да го сториш од позиција на ‘опозиција’“, констатира тој (целиот разговор ТУКА).
Сличноста меѓу разрешениот Пауновски и разрешената Петровска е во тоа што, според сите параметри и информации, се работи за директори кои успешно и професионално си ја вршеле должноста. Како што зад Пауновски застанаа инспекторите од ДПИ и најголемиот дел од јавноста, така и зад Петровска – разрешена на барање на претседателката на ДОМ – Маја Морачанин, а поради внатрепартиски несогласувања – застанаа еко-активистите, па и неколку долгогодишни новинари. Не само што тие посочуваат дека Петровска има низа заслуги за зачувување на животната средина, туку сметаат дека токму тоа е главната „позадинска“ причина за нејзиното разрешување. Меѓу нив и новинарот Фуркан Салиу, а други реакции прочитајте ТУКА.
Не сакам да верувам, но мислам дека тоа е причината зошто ќе биде разрешена, а не барањето на една тотално небитна политичка фигура.
— FurKlan (@FurkanSaliu) August 4, 2021