Претседателот на Чешка, Петр Павел денеска изјави дека без Русија и Кина е невозможно да почнат преговори за мир во Украина.
– Преговорите не би имале смисла доколку Русија им пристапи како досега, предлагајќи услови за капитулација. Но, без Русија и Кина на маса, нема да бидат навистина можни мировни преговори, изјави Павел во интервју за Чешката новинска агенција (ЧТК).
Тој упати апел до Кина да ја преземе улогата, што ја сака, на глобален играч, што несомнено е во економијата и финансиите, но не и во мировната политика.
– Ако Кина не го стори тоа, Русија нема да почувствува потреба да преговара. Напротив, ќе се обиде да стекне предности за себе на бојното поле или во меѓународната политика, посочи чешкиот претседател.
Павел додаде дека мировниот самит во Швајцарија во јуни, на кој Русија не беше присутна, не ни требаше да биде средба на која ќе се договори мир.
– Тоа беше првиот чекор на започнување на одредено мирно решавање на војната во Украина. Какво ќе биде решението е прашање на дипломатски и политички разговори. Но, важно е што процесот почна, наведе Павел.
Според него неопходно е и пожелно руските претставници да учествуваат на следните мировни самити.