Павле Трајанов: Пописот да се одложи поради „виша сила“ (Vis major)

Пописот да се одложи најмалку до месец јуни или на неопределено време, да се обезбеди и политички консензус за времето на одржување, а во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат – предложи денеска на прес-конференција претседателот на Демократски сојуз – Павле Трајанов.

Како што соопшти тој, причините поради кои ДС бара одложување на пописот се влошувањето на епидемиолошката состојба и ширењето на вирусот, големиот број на заразени, исполнетоста на здравствените капацитети, доцнењето на имунизацијата поради немање вакцини, потоа иселениците – меѓу нив и Македонци – кои досега не се попишаа, најавата на голем број граѓани дека нема да ги примат попишувачите, но и барањата за одложување или повиците на бојкот од страна на опозициските партии од македонскиот блок.

„Сето ова укажува дека пописот нема да биде успешен, а резултатите ќе дадат искривена слика на состојбите, посебно на оние за вкупниот број на населението и нивната етничка припадност. Затоа предлагаме Владата да направи анализа на состојбите и да донесе одлука за одложување на пописот и предложи Парламентот да донесе Закон за одложување на истиот“, велат од Демократски сојуз.

Пописот е значајна статистичка операција, но за успешно завршување на истата неопходен е и граѓански и политички консензус, порача Трајанов.

- Реклама -