Инспекторите изминатите денови извршиле над 150 надзори, а велат дека контролите ќе продолжат сè додека трае Одлуката
Три фирми не ја почитувале одлуката на Владата за намалување на цените на училишниот прибор и добиле казни од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), информираа денеска оттаму.
Инспекторите изминатите денови извршиле над 150 надзори кои од ДПИ велат дека сè уште се во тек поради обемната документација и анализа.
Од ДПИ велат дека една од фирмите што е казнета се занимавала со трговија на големо и е казнета со над 452 илјади денари поради непочитување на Одлуката, а со дополнителни 200 илјади денари е казнета поради неводење трговска евиденција.
Од ДПИ велат дека казнети биле и една голема и една мала фирма за трговија на мало. Поради непочитување на Одлуката, големата фирма добила казна од над 452 илјади денари. За помалата фирма инспекторите изрекле казна во висина од над 105 илјади денари затоа што не ја почитувале владината одлука, но казна во висина од над 76 илјади денари добиле и по Законот за заштита на потрошувачите.
Надзорите на фирмите, додаваат од ДПИ, се прават низ целата држава, а казните велат дека се од 800 до 10 илјади евра во зависност од големината на правниот субјект и се одредуваат во согласност со Законот за трговија.
Оттаму упатуваат апел до трговците да ја почитуваат Одлуката и најитно да ги приспособат цените затоа што нагласуваат дека надзорите ќе продолжат и инспекторите ќе бидат на терен сè додека трае Одлуката.
За оние што ќе забележат нерегуларности, од ДПИ велат дека пријава до пазарниот инспекторат може да се поднесе на бројот 191 или на веб-страницата: www.dpi.gov.mk.