Пекинг: Тврдењата на НАТО дека Кина ја поддржува Русија се дезинформација

Пекинг, 24 март 2022 (МИА) – Пекинг го обвини генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за „ширење дезинформации“ за тврдењата дека Кина ја поддржала руската војна против Украина во услови на зголемен меѓународен притисок да се дистанцира од Москва.

Кина одбива да го осуди својот близок сојузник Русија за инвазијата на Украина и заостанува зад многу други земји во обезбедувањето хуманитарна помош за земјата разурната од војна, оценуваат западни медиуми.

Вчера Столтенберг ја обвини Кина дека ѝ дава политичка поддршка на Русија во инвазијата на Украина преку „ширење отворени лаги“, и притоа го предупреди Пекинг да не дава материјална поддршка за воените напори на Москва.

„Кина мора да ги исполни своите обврски како членка на Советот за безбедност на ОН, да се воздржи од поддршка на руските воени напори и да му се придружи на остатокот од светот во повикот за итен, мирен крај на оваа војна“, рече тој.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Но, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина – Ванг Венбин, истакна дека „да се обвинува Кина за ширење лажни информации за Украина само по себе е ширење дезинформации“.

„Позицијата на Кина е во согласност со желбите на повеќето земји… сите неосновани обвинувања и сомнежи против Кина ќе бидат побиени“, рече тој на денешниот редовен брифинг.

„Ние секогаш ја поддржувавме тезата дека Украина треба да стане мост меѓу Истокот и Западот, а не да биде на првата линија во играта меѓу големите сили“, потенцира тој.

- Реклама -