Пеколот наречен „кубански интернет“

Кубанци дремат во близина на хотел, за да фатат Wi-Fi. И тоа не бесплатно.

Иако за поголемиот дел од западниот свет пристапот до интернет стана апсолутен стандарден дел од секојдневието – сé уште има многу земји во светот во кои работите се далеку од такви.

Меѓу најфрапантните примери на отежнат пристап до мрежата е Куба. Куба има најлоша интернет покриеност не само во Латинска Америка, туку и во целата западна хемисфера.

Според податоците за 2016 година на Меѓународната унија за телекомуникации, Светската Банка и ОН, од околу 11.4 милиони жители, одвај 32.4% – или околу 3.7 милиони лица во Куба – воопшто имале интернет пристап.

Невладината организација Freedom House резимира дека слабата поврзаност, строгите државни прописи, високите цени и недостатокот на масовен пристап се главни пречки за развојот на кубанските мобилни комуникации.

Во 2014-та, само 3.4% од домаќинствата можеле да си дозволат домашен интернет пристап, и тоа со dial up конекција. Во согласност со Меѓународната унија за телекомуникации, под мотото „Connect 2020“, е предвидено до крајот на оваа деценија во Куба да бидат заменети сите постоечки dial-up системи со broadband интернет конекција, и да се обезбеди пристап до мрежата на 50% од домаќинствата. Другата цел е до 2020-та со broadband интернет да се поврзат со 90% од бизнис организациите – како државните така и приватните.

А сепак, не е сосема сигурно дали тоа ќе се случи во пракса – а и ако се случи, дали спроведената интернет врска воопшто ќе го има потребниот работен квалитет.

Од 2015-та Куба почна да воведува локации за Wi-Fi пристап во неколку големи градови, и веќе има над 240 точки за пристап низ целата земја. Но, еден час сурфање на мрежата чини премногу за просечниот Кубанец.

Со просечна плата од околу 25 долари месечно, час интернет чини 1.5 долари. Плус, за да се користи Wi-Fi пристапот, неопходна е специјална картичка од државниот телекомуникациски оператор ETESCA (Empresa de Telecomunicaciones de Cuba SA).

Поголемите хотели веќе имаат обезбедено интернет пристап за туристите, но најчесто и тој се плаќа, а е и доста бавен.

Државната комуникациска компанија ETESCA неодамна започна и пилот-програма која инсталира интернет конекција во 2000 приватни домови низ земјата, но без многу фајде; во крајна линија, услугата чини околу 15 долари за 30 часа интернет пристап со слаба брзина од 128 килобајти во секунда. Дури и таквиот интернет е практично со недостижна цена за повеќето Кубанци.

Прочитајте и:  За да ја сруши доминацијата на iPad, Google ги спојува ChromeOS и Android

За тоа мало „размрдување“ на пристапот до интернет што сега се случува во Куба, придонесе обновувањето на дипломатските односи меѓу САД и Куба во 2015-та година. По официјалната посета на поранешниот претседател Барак Обама на Островот, американскиот бизнис почна да гледа кон можностите што ги нуди Куба – вклучувајќи го и телекомуникацискиот бизнис.

Меѓу првите компании кои се впуштија во бизнисот со развој на безжичен интернет на локално ниво, е Google.

Во декември 2016 година, националниот телеком на земјата ETECSA потпиша и официјален договор со глобалниот интернет гигант, според кој Google e задолжен да обезбеди испорака на безжичен интернет.

Од средава, откако во функција беа пуштени нови сервери, Google и официјално стана првата странска компанија која ќе обезбедува интернет содржина во земјата.

Серверите на Google, кои веќе се достапни за употреба од страна на Кубанците, се дел од Google Global Cache (GGC). Тие нудат исклучително и главно популарно содржина – како на пример, најгледаните видеа на YouTube.

На овој начин интернет пристапот теоретски би требало да е многу побрз, бидејќи нема да минува низ подводниот кабел, кој во моментов ја поврзува Куба со интернет преку Венецуела.

Според директорот на интернет анализа на глобалната компанија за мониторинг на интернет – Dyn, благодарение на Google, Кубанците многу наскоро ќе забележат разлика во брзината на пристап, поради намаленото чекање при преземање на кеширана содржина.

За BuzzFeed, тој вели: „Доставата на интернет во Куба ќе продолжи да биде исклучително болен и сложен процес. Тоа е само мал необичен чекор напред. Но, за услугите на Google кои ќе бидат достапни во земјата, тоа е важна етапа“.

- Реклама -