Пендаровски: Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени е „апсолутно надвор од реалноста“

„Се случува промена во генералната слика во однос на уставните измени, со оглед на тоа што главната опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, претходно воопшто не сакаше да разговара за можноста да се смени Уставот“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата словенечка колешка Наташа Пирц Мусар.

Според Пендаровски, видлива била промена на ставот на опозицијата по лидерската средба, но нивното барање за одложено дејство на уставните измени, како што рече, е нереално. Заклучоците на Советот на ЕУ се кристално јасни – уставни измени па потоа одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите, истакна Пендаровски.

„Главното барање е малата бројка на бугарско национално малцинство да биде дел од Уставот. Неодамна се одржа лидерска средба на која се сретнаа највисоките претставници од власта и опозицијата и тука лидерот на најголемата опозициска партија изрази подготвеност да влезе во Владата и да гласа за уставните измени, со тоа што, се разбира, постави други предуслови кои до моментов не се решени, но тоа е знајачна промена во однесување на опозицијата од која зависи двотретинското мнозинство“, додаде шефот на државата коментирајќи го „променетиот став“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски нагласи и дека бил изненаден кога чул дека главната опозициска партија би сакала да биде дел од Владата со пет ресори и да гласа од таа позиција.

Според Пендаровски, доколку внимателно се следат изјавите на премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, по лидерската средба, ќе се види дека и двајцата се во право кога зборуваат во однос на тоа кој што прифатил.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Премиерот е во право кога тврди дека има драстична промена во ставот на главната опозициска партија, која воопшто не прифаќаше да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, велејќи дека не можеме да спроведеме уставни измени под бугарски дикатат и, второ, велеше за сето време дека овој парламентарен состав нема мандат за да влезе во тој процес. Од друга страна опозицијата е во право во однос на предусловите кои ги има поставено на таа лидерска“, оцени Пендаровски.

Прашан конкретно за барањето на ВМРО-ДПМНЕ – уставните измени да стапат во сила по влезот во ЕУ, шефот на државата порача дека „тоа е апсолутно надвор од реалноста“.

„И јас би сакал сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни: ‘морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите’. Во тие заклучоци на Советот на ЕУ е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите. Тоа е сосема нереално. Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени“, рече Пендаровски.

Извор: МИА

- Реклама -