Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на дводневната посета на Република Италија, денеска одржа предавање на реномираниот Универзитет „Ла Сапиенца“.
Во своето предавање, пред студентите и професорите од Универзитетот, претседателот Пендаровски се осврна на три теми, Преспанскиот договор, Европската унија и аспирациите на Северна Македонија кон Унијата и предизвиците со коишто се соочува регионот на Западен Балкан.
Претседателот Пендаровски истакна дека договорот со Грција има историска важност за Северна Македонија, но и дека е подеднакво важен и за Грција. Преспанскиот договор, подвлече претседателот Пендаровски, го гарантира идентитетот на граѓаните, го признава македонскиот јазик и им дава право на сите, без разлика каде живеат да се изјаснуваат како Македонци.
Благодарение на Преспанскиот договор, рече претседателот Пендаровски, Северна Македонија за неколку месеци ќе стане полноправна членка на НАТО. Во однос на целосната имплементација на Преспанскиот договор, којашто зависи од отворањето на поглавјата со Европската унија, Претседателот изрази уверување дека во иднина никој нема да го опструира процесот, имајќи предвид дека договорот ги штити националните интереси на Северна Македонија.
„Европа не ни треба само за пазарот, Европа ни треба поради културните, социолошките, економските стандарди, поради функционалност на институциите. Дополнителен мотив за нас е фактот дека 85% од граѓаните на Северна Македонија, од сите етнички заедници, го поддржуваат нашето членство во Европската унија“, рече претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на последната одлука на Унијата да не одреди датум за почеток на преговорите со нашата земја.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски посочи дека никој во Северна Македонија не е против менување на методологијата, ниту против можноста за реверзибилност на процесот, доколку некоја земја има назадување во текот на преговорите. Но, нагласи тој, неприфатливо е Северна Македонија да се ословува како да е сосед на Унијата.
Најавувајќи ја средбата со претседателот на Франција, Емануел Макрон на 12-ти овој месец, претседателот Пендаровски ја поздрави и иницијативата на Република Италија на редовниот состанок на Советот за општи работи, којшто ќе се одржи на 19-ти овој месец, на агендата да се вметне прашањето за Северна Македонија и Албанија.
Во своето предавање, претседателот Пендаровски се осврна и на состојбите коишто се актуелни во регионот, ставајќи акцент на дијалогот Белград – Приштина. Тој подвлече дека ако не се најде решение прифатливо за двете страни, тогаш проблемот може да се прелее и во Северна Македонија. А во случај да дојде до промена на границите, претседателот Пендаровски побара меѓународна гаранција дека нашата земја во никој случај нема да биде оштетена.
Претседателот Пендаровски се сретна со ректорот на Универзитетот, проф. Еугенио Гаудио, со деканот на Факултетот за политички науки, социологија и комуникации, проф. Тито Марчи, како и со истакнати професори од Универзитетот. На средбата, меѓу другото, беше истакнато дека е потпишан протокол за соработка меѓу Правните факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Ла Сапиенца” во Рим.
Универзитетот „Ла Сапиенца“ е најголем во Европа, со повеќе од 113 илјади студенти од целиот свет, а на него секоја година се дообразуваат 100-тина студенти од Северна Македонија.