Пендаровски: Можеби Бугарија ќе ни го блокираше и членството во НАТО, но претпоставувам дека не им дозволија

Македонија поднесе голем број конструктивни предлози и од македонска страна можностите за маневар во преговорите со Бугарија се исцрпени, а за тоа дека сме Македонци кои говорат македонски јазик – не може да се преговара, вели претседателот на државата Стево Пендаровски, во интервју за „Коммерсант“ – негово прво интервју за руски медиум.

Mакедонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет и својот јазик и никој нема да рече дека вреди да се размисли дали сме Македонци или не, категоричен е Пендаровски, истакнувајќи дека во тој поглед нема никакви разлики меѓу власта и опозицијата во земјава. Единствената разлика, додава, е околу методите за постигнување на целта.

„Нашите црвени линии се повлечени: ние сме Mакедонци и нашиот јазик е македонски. Тука не е потребен никаков референдум“, истакнува претседателот во интервјуто.

Позицијата на Бугарија, пак, како што посочува, не ја поддржува ниту една друга земја членка на ЕУ. За тоа дали ќе има промена во пристапот од страна на нашата источна соседка, ќе треба да се почека да се види во првите неколку месеци од следната година, вели Пендаровски.

Во однос на блокадата, претседателот истакнува дека одредени кругови се залагале и за вето на членството во НАТО во 2018 година:

 

 

„Ние сме кандидати за членство во ЕУ од 2005 година, поради спорот со Грција околу името на нашата земја не можевме да започнеме преговори за членство. Спорот со Грција го решивме. Сега Бугарија размислува горе-долу вака: ако сега ги примиме во ЕУ, повеќе нема да има можност да се отворат спорните прашања. Некои бугарски политичари дури изјавуваат: требаше да се блокира членството на Македонија во НАТО уште во 2018 година. Претпоставувам дека тогаш не им беше дозволено да го направат тоа поради гео-стратешките интереси на западните сили, кои сакаа во целост да го формираат јужното крило на Алијансата. Во ЕУ приодот е поинаков“, посочува Пендаровски.

 

 

Прашан дали верува дека ЕУ навистина сака да ги види балканските земји во своите редови, претседателот одговара:

„Кај европјаните нема формирано мислење дека Балканот не вреди да се вклучи во ЕУ. Но, постои мислење дека не може да се случи никакво проширување, додека не се продлабочат односите внатре во ЕУ. Ние на Балканот сметаме дека и едното и другото може да се случува паралелно. Но во Европа не се согласуваат сите со тоа. Таму се зборува дека ЕУ и така е доволно голема, дека има потешкотии со усогласувањто на позициите, и секогаш се повикуваат на примерот на Романија и Бугарија: ги примивме, а тие не беа подготвени, не треба таквото искуство да се повтори“.

„Ќе бидеме професионални оптимисти“, додава тој, прашан дали Балканот ќе стане дел од ЕУ. „Сметам дека Балканот ќе биде дел од ЕУ, но за тоа се потребни години. Би сакале тоа да се случи за четири-пет години. Но тоа не зависи само од нас“, вели Пендаровски.

 

- Реклама -