Пендаровски не гледа можност за уставни измени во претстојниот период: Ништо, ќе чекаме следна влада и парламент

„Не гледам простор наредниве месеци, како што одиме кон техничка влада која треба да стартува на 28 јануари, дека ќе се направи политичка клима во која ќе изгласате со две третини уставни промени. Не само за тоа прашање со Бугарите, генерално за кое било прашање“, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.

Во изјава за медиумите, по неговото учество на „Отворениот форум за антикорупција“ што се одржува денеска во Скопје, тој посочи дека (уште) пред година и пол рекол дека реалните политички шанси да се изгласат уставните промени се минимални, со оглед на јавно декларираните ставови на опозицијата која, според него, „без аргументи е влезена во таа работа“.

„Ме прогласуваа за евроскептик или дури некои велеа дека сум се откажал од европскиот пат. Јас само ја декларирам реалноста како што ја гледам, како што ја гледаат македонските граѓани“, рече Пендаровски.

Според него, во следниов период, како наближуваме до изборите и техничка влада, ќе биде сè потешко власта и опозицијата да направат политички консензус, без разлика што од јануари ќе бидат во иста (техничка) влада.

„Ништо, ќе чекаме следна влада, следен парламент, кој ќе треба многу сериозно да го земе во предвид ова прашање.  И ќе биде интересно тогаш да се види ако воопшто има промена на власта како ќе реагира сегашната опозиција, евентуално утрешната власт, кога ќе треба да ги моли денешната власт утрешната опозиција да гласаат со две третини“, изјави Пендаровски. 

- Реклама -