Пендаровски: Не сум безгрешен, но никогаш сум немал лоша намера

„Во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики. И јас во мојот мандат сум бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки кои сум ги носел. Некогаш за моите јавно искажани ставови сум бил критикуван и од дел од оние кои ме поддржаа при изборот, на пример, за аферата ‘Рекет’, при ставањето вето на Законот за илегални градби или при покачувањето на функционерските плати. Но, секогаш во прв план ми биле интересите на граѓаните и на државата, пред нив секогаш сум бил транспарентен и од одговорност никогаш не сум избегал“, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање пред пратениците, последно во овој негов мандат, а можеби и последно како претседател, со оглед дека шефот на државата сè уште не открива дефинитивно дали ќе се кандидира за втор мандат и неизвесно е дали ќе го освои, ако се кандидира.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

За себе вели дека не бил безгрешен, како и дека никогаш немал лоша намера кон никого, дека никогаш во неговиот мандат не учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти (иако, вели, тој самиот и неговото семејство не биле поштеден од такви) никогаш не договарал тендери и провизии, не вработувал роднини и пријатели, и никогаш за себе или за најблиските нема побарано посебен третман.

- Реклама -