Пендаровски со порака до ЕУ: Само со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа

Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, но и ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата, порача претседателот на државата – Стево Пендаровски.

Во контекст на руската инвазија во Украина, шефот на државата посочи дека слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста се загрозени токму во моментите кога мислевме дека се целосно извојувани. Тоа, според него, е причина повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, особено на оние од 9 Мај – датум кој, како што посочи Пендаровски, е еден од темелниците на вистинските цивилизациски вредности.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Надоврзувајќи се на тоа, претседателот на државата го искористи овој голем ден и за да испрати не особено суптилна порака до Европска унија, како продукт на идејата за обединета Европа.

„Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување, може да зборуваме за обединета Европа“, порача Пендаровски.

Победата над фашизмот е и победа за Европа, додаде шефот на државата.

 

- Реклама -