Пендаровски: Повлекувањето на Заев е чин што не се случува често и треба да се поздрави

„Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување (на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања), тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии“, изјави претседателот Стево Пендаровски на крајот од своето годишното обраќање во Собранието, коментирајќи го повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого, како што рече Пендаровски, во изминатите 10 години „заедно биеле битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права“.

„Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата“, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Сакале или не – политиката е дел од нашите животи, но никогаш не смее да стане целиот наш живот. Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето“, порача шефот на државата.

Тој констатира дека малкумина останале да живеат во татковината и дека сме поделени по многу основи, а нови поделби не смееме да си дозволиме.

Извор: МИА

- Реклама -