Пендаровски за писмото на Радев: Нови барања од Бугарија не се дозволени

„Нашиот пат кон Европа е јасен. Станува збор за преговарачката рамка која ја усвоиме минатата година. Во таа смисла, нови барања од Бугарија не се дозволени“, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, прашан како ги коментира изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев, поврзани со уставните измени.

Пендаровски рече дека за време на неговата посета на Подгорица оствариле куса средба со Радев, на која не разговарале за оваа тема, но во однос на неговата изјава посочи дека станува збор за „рециклажа на старата бугарска приказна“.

„Токму денеска ЕУ прославува 30 години од носењето на Копенхашките критериуми, кои се главниот сет на критериуми според кои се влегува во ЕУ. Така што, мислам дека Бугарија е последната држава членка на ЕУ која нам може да ни држи предавања за тоа кои се и што се и што претставуваат копенхашките критериуми, имајќи во предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмалку почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Ние многу добро ги знаеме копенхашките критериуми и тврдам дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ, која во моментот започнува преговори“, додаде Пендаровски, пренесува МИА.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

За потсетување, бугарскиот претседател Радев неодамна, во писмо до европските лидери, му одговори на германскиот Бундестаг во однос на резолуцијата за поддршка на евроинтеграцијата на Македонија, конкретно на апелот до Бугарија да не поставува нови барања. Во писмото, Радев порача дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се само прелиминарен, а не и единствен услов, и потсети дека Бугарија очекува Македонија да ги исполни и другите барања, кои, според Радев, се содржани во билатералниот протокол и Договорот за добрососедство, за да добие зелено светло за почеток на преговорите. Со други зборови, она што Радев го потенцира е дека и без нови барања, внесувањето на Бугарите нема да биде доволно.

- Реклама -