Се потпиша и реализираше Преспанскиот договор, се спроведе референдумот за ЕУ и НАТО, се промени името на државата… Членството во НАТО се исполнува, но добивме НЕ од Европската унија. Треба ли граѓаните да се чувствуваат излажани?, беше прашан претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Recite Al Jazeeri“ на Ал Џезира Балканс.
„Јас сум сведок дека тоа е доминантното чувство. Меѓутоа, немојте бегло да поминуваме преку првата половина од таа равенка. Значи, ние, затоа што го решивме спорот со Грција, наскоро влегуваме во НАТО. Значи промената на името не е без ефект“, вели Пендаровски.
По констатација на новинарката дека референдумот бил и за ЕУ, Пендаровски е согласен дека целата работа не е завршена.
„Меѓутоа, факт е дека во историска смисла, во стратешка смисла, во која сакате смисла, членството во НАТО за една балканска држава е многу поприоритетно од членството во ЕУ. Зборувам за актуелниот политички и безбедносен миг. Многу е битно да ја имате обезбедено територијата, границите, да имате 29 други членки кои според колективната клаузула заеднички со вас ќе се борат против заканите, наместо да сте сами. За една мала држава како што е нашата, по сите параметри, многу е важно што наскоро стануваме членка на Алијансата. И потоа, како битна претпоставка, одиме побрзо и полесно во економски развој“.
Пендаровски потенцира дека Преспанскиот договор ја завршил најголемата работа кога е во прашање членството во НАТО. Важноста на тоа, според него, може (иако не го рамни) да се спореди и со датумот за референдумот за независност и има огромна политичка тежина за иднината на државата.
„Со тоа дефинитивно ставаме крај на сите дебати: дали ќе нѐ биде како држава, што може да биде на пролет или другата година, ако има турбуленции наоколу – дали ќе се пренесат кај нас… Влегувајќи во најголемата воено-политичка алијанса во историјата на човештвото, вие имате безбедносна гаранција дека ќе ве биде. И тоа не смееме да го забораваме“, вели претседателот, додавајќи дека чувството на разочараност го дели и тој и дека „идеално ќе беше доколку со Преспанскиот договор го завршевме и вториот дел од задачата“.
Пендаровски потенцираше и дека влезот во НАТО ја гарантира безбедноста и стабилноста на државата и регионот, демантирајќи ги критичарите дека НАТО штити само од надворешни напади.
„Не е точно. Еве, ви кажувам, наназад две до три години, особено последните две до три години, добиваме директна помош од Алијансата и против лажни вести, против хибридни закани, против пропагандните војни, кои, меѓу другите, се водат и кон нас. За минатогодишниот референдум бевме предмет на таков тип на политичка пропаганда, која ги уриваше демократските вредности, која сакаше да им каже на луѓето дека не вреди да се бориме за тие организации, дека тие само што не се распаднале. Веќе во тој момент имавме директна значајна поддршка од нашите партнери од Алијансата“, вели Пендаровски.