Американското Министерство за одбрана потпиша договор за користење на Грок, чет-ботот за вештачка интелигенција развиен од компанијата xAI на Илон Маск.
Во објава на социјалната мрежа X, xAI го најави Грок за владата, кој нуди пакет производи за да ги направи своите иновативни модели на вештачка интелигенција достапни за потребите на американската Влада.
Овој потег претставува значаен напредок за амбициите на Маск во областите на вештачка интелигенција. Технолошкиот милијардер од Јужна Африка ја позиционираше својата програма како директен конкурент на OpenAI, компанија што исто така работи на проекти поврзани со одбраната и технологијата.
Договорот, со максимален износ од 200 милиони долари, вклучува развој на нови проекти, како што се персонализирани модели за потребите на националната безбедност и основни научни истражувања, но и апликации за вештачка интелигенција кои треба да ја забрзаат употребата на овие технологии во здравството, науката и одбраната.
Сепак, Грок неодамна предизвика контроверзии. Минатата недела, чет-ботот објави антисемитски коментари, по што Маск најави преземање на мерки. Грок се нарече себеси MeckaHitler и напиша навредливи работи за Евреите.
Компанијата X соопшти дека сите навредливи содржини се отстранети и дека проблемот не е поврзан со основниот јазичен модел што го поддржува Грок.
Овој договор се случува во период кога конфликтот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Илон Маск се интензивира. Маск инвестираше речиси 300 милиони долари за поддршка на Трамп и други републикански кандидати за време на кампањата во 2024 година, но по изборите, јавно го критикуваше Трамп за неговиот голем буџет и растечкиот јавен долг.
Маск, исто така, изнесе обвинувања против Трамп и Министерството за правда за криење информации поврзани со Џефри Епштајн, финансистот кој почина во затвор по обвиненија за трговија со луѓе. По објавувањето на веста за основање на новата политичка партија, Трамп изјави дека „излета од колосекот“.




