Пентагон: Русија продолжува да испраќа војници кон Украина

Фото: Руско министерство за одбрана

Во изминатите 24 часа Русија продолжила да испраќа дополнителни војници на украинско-белоруската граница, соопшти денеска Пентагон.

„Русија ги зголемува своите опции и потенцијал за акција со секој изминат ден“, изјави портпаролот на американското министерство за одбрана – Џон Кирби.

Русија и Белорусија денеска ги почнаа заеднички воени вежби. Како што соопшти руското Министерство за одбрана, истите ќе траат до 20 февруари, а ќе се фокусираат на „потиснување и одбивање надворешна агресија“.

Според Белата куќа, меѓутоа, вежбите во Белорусија – наречени „Сојузничка решителност-2022“, придонесуваат за ескалација, а не за деескалација на тензиите околу Украина. Како што посочи портпаролката Џен Псаки, тоа е најголемо распоредување на руски војници во Белорусија од крајот на Студената војна.

САД, во меѓувреме, започнаа со префрлање на баталјон со борбени возила на пешадијата „Страјкер“, дел од составот на Вториот механизиран полк на американските вооружени сили стациониран во Филсек, Германија, кон Романија. Според американските власти, околу 1.000 војници на НАТО ќе бидат испратени во Романија. Како што соопшти командантот на полкот – полковник Џо Јурс, првите војници веќе пристигнале во оваа земја и ќе ги засилат 900-те американски војници кои се веќе стационирани таму.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

Понатаму, околу 1.700 американски војници од 82. воздушнодесантна дивизија на американската армија заминуваат за Полска, од кои околу половина се веќе пристигнати, во наредните денови се очекуваат да пристигнат уште, истакна Кирби.

Велика Британија, пак, вети дека ќе испрати уште 350 војници во Полска, а веќе е испратено противтенковско оружје во Украина.

Паралелно, американскиот конзулат во Полска се подготвува за евентуален прилив на американски граѓани кои ќе одлучат да ја напуштат Украина доколку Русија изврши инвазија. Американските трупи стационирани на полска територија разработија планови за итни случаи за да им помогнат на Американците да ја напуштат Полска во случај на руски напад, изјави неименуван портпарол на Белата куќа.

Извор: МИА

- Реклама -