На јавниот повик, како што рече, се добиени разновидни апликации, па така посочи дека има проекти од областа на подобрување и реконструкција на водоводни мрежи, канализациски системи, патна инфраструктура, набавка на транспортни средства
Доставени се 357 проекти од 80 општини на јавниот повик на Владата за добивање средства за реализација на инфраструктурни проекти со пари од државниот буџет. Тоа значи дека секоја општина аплицирала со повеќе проекти. Ова денеска го соопшти министерот за локална самоуправа Златко Перински, при што посочи дека нивните очекувања за овој јавен повик се целосно исполнети.
„Сега се на ред ресорните министерства. Во рок од 10 дена целосната проектна документација од страна на општината треба да се достави до ресорното министерство од областа на проектот, кое ќе врши евалуација. Се очекува евалуацијата да заврши во рок не подолг од 10 дена по што ресорните министерства треба да изготват предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивната област и да ја достават на усвојување на владина седница“,
рече Перински.
Очекува до крајот на месецот да заврши целокупната процедура и да се знае кои проекти ќе се финансираат со државни пари.
„Во оваа прва фаза општините ќе ги поддржиме со близу 100 милиони евра, а веќе од следната година ќе бидат достапни нови 250 милиони евра за кога е планиран и нов повик“,
вели министерот.
На јавниот повик, како што рече, се добиени разновидни апликации, па така посочи дека има проекти од областа на подобрување и реконструкција на водоводни мрежи, канализациски системи, патна инфраструктура, набавка на транспортни средства.
На новинарско прашање дали предложените апликации ја надминуваат предвидената сума на пари, рече дека со сигурност може да потврди дека проектите значајно ја надминуваат вредноста од 100 милиони евра.
Прашан за коментар во врска со апликациите на Град Скопје на повикот за проекти за општините, кои, меѓу другото, се однесуваат на набавка на автобуси, рече дека основната замисла на јавниот повик не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата.
Сепак, вели министерот, треба да се види исходот од евалуациските комисии, низ чии раце ќе поминат сите поднесени апликации за проекти од општините, па потоа да се носат заклучоци.
„Поентата на овој јавен повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност којашто им ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот“,
рече Перински.