И Перо Антиќ се повлекува од репрезентацијата

Македонската кошаркарска репрезентација во следниот период ќе се најде во фаза на целосен ремонт, откако по Тодор Гечевски и Владо Илиевски, своето повлекување го најави и досегашниот капитен Перо Антиќ.

Членот на Олимпијакос преку својата официјална страница на фејсбук испрати отворено писмо со кое што ја информираше јавноста дека планира своето место во репрезентацијата да им го отстапи на помладите. Пораката на Перо Антиќ до целокупната македонска спортска јавност Ви ја пренесуваме во целост:

„Би сакал да ги известам македонските медиуми и целокупната спортска јавност дека по долго размислување и јас го најавувам моето повлекување од репрезентативниот дрес. Како капитен чувствувам должност да го направам тоа сега, како подобра варијанта отколку пред самото Европско Првенство во 2013 година, затоа што сметам дека е од исклучителна важност да се планира и да се постават темелите на оваа наша подмладена репрезентација.

Како играч и како капитен сметам дека го дадов својот максимум во оваа репрезентација, по многу напорни сезони и три тешки операции, па веќе над 30 година сметам дека е вистинско време да се направи смена на генерации. Со македонскиот дрес имав многу моменти кои никогаш нема да ги заборавам.

Многу успех им посакувам и им изразувам огромна благодарност пред сè на моите соиграчи, на целата МКФ и на сите македонски навивачи. Секогаш кога ќе можам, ќе помогнам на македонската кошарка на било кој начин и ќе бидам инволвиран во создавањето на идните македоснки таленти.

Оваа генерација и овие момци што остануваат имаат многу да покажат и кажат. Вистинско време е летниот период да го искористам за личен одмор и закрепнување и да се посветам на семејството“.

Со почит,

Перо Антиќ

- Реклама -