Сѐ повеќе државни институции остануваат без снабдувач на електрична енергија бидејќи некои фирми-снабдувачи ги откажуваат договорите. Од вкупно 13 компании снабдувачи на електрична енергија, дури за осум се води постапка во Регулаторната комисија за енергетика: Мист Енерџи, У Пауер, Енерџи Активе, Енергиа гас анд пауер, Солар про, Вангард и, Енерџи он и Енерџи уинд, објави „360 степени“.
Заедно, овие компании имаат околу 300 договори за јавни набавки со државни институции, од кои „Енерџи Активе“ во последниве 12 месеци има над 100 договори со државни институции за продажба на струја, а „У Пауер“ (чиј сопственик го нападна претседателот на РКЕ) има најмалку 20 договори за јавни набавки со државни институции. Според податоците од Централниот регистар, „У Пауер“ само лани имала профит од околу 1 милион евра, а „Енерџи Активе“ 2020 година ја завршиле со околу 500.000 евра во плус. А сепак, сега ги откажуваат договорите, пишува порталот.
Претседателот на РКЕ – Бислимоски, за „360 степени“ објасни дека сериозниот проблем во функционирањето на пазарот на електрична енергија во земјава произлегува од пропаѓањето на добавувачите на нашите компании, кои во најголем број се од Бугарија, а што се должи, пак, на кризата со енергија во цела Европа. Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија – Антони Пешев, пак, смета дека удел има и големата комоција која ја имале македонските компании.
„Си дозволивме еден комотен простор во кој еден куп компании си побараа да работат во прилично лесно окружување за правење пари. Ова што сега го заговараме е дека тоа воопшто не треба да биде лесно правење на пари, туку одговорно правење на пари, заради тоа што играчите се добри кога добра е цената на електричната енергија на светските берзи, но еве во вакви ситуации се покажува дека ни требаат сериозни играчи кои се подготвени да гарантираат со директни гаранции за исполнување на обврските“, изјави Пешев за „360 степени“. Целиот текст прочитајте го ТУКА.