На територијата на Македонија до 18:00 часот регистрирани се вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив, пет пожари сè уште се активни, два се под контрола, а седум се целосно изгаснати. Според последните информации, активни се пожарите во Општина Илинден кај селото Мршевци, каде што гори сува трева, како и во Општина Босилово кај селото Секирник, каде што е зафатена депонија. Пожарот во Општина Чашка, кај селото Војница, се проширил на деградирана шума и сува трева.
Пожари се пријавени и во селото Шивец, каде што исто така гори сува трева, како и во штипското село Долани. Пожарите на градската депонија во Демир Хисар и на депонијата кај селото Железница во Општина Кратово се ставени под контрола.
Во текот на денот, противпожарните екипи успеале целосно да изгаснат седум пожари. Интервенции биле спроведени кај католичките гробишта во Битола, во селото Мало Коњари, во близина на средното училиште “Орде Чопела” во Прилеп, во тетовското село Непроштено и на три локации во Гостивар. Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активностите за локализирање и гаснење на преостанатите жаришта.




