Петков за „Катимерини“: Поддршка за ЕУ за Скопје, но прво Бугарите во Уставот

Поддршка за европската перспектива на земјава изрази премиерот на Бугарија – Кирил Петков, во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, но потребно е, додава, прво да се решат одредени прашања, како што е „почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија со гаранции во Уставот“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“, рече бугарскиот премиер.

Говорејќи за енергетската соработка со Грција, Петков вели дека по последните случувања „потребна е поголема диверзификација на енергетските извори“ и на тоа тесно работат со грчката Влада, а целта, како што рече е, „да се зајакнат енергетските поврзувања на двете земји преку гасоводот IGΒ, за Бугарија да има пристап до гасот од Азербејџан, но и до резервите на течен природен гас LNG во Александруполи“.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Во однос на перспективата за билатерален договор за снабдување со нуклеарна енергија од Бугарија за Грција, бугарскиот премиер објаснува дека на Грција ѝ е потребна поевтина струја, а Бугарија има нуклеарна енергија, па така двете земји можат да работат заедно „градејќи долгорочни односи преку создавањето нуклеарна централа, со взаемна корист, во област која е значајна алтернатива за недостигот на енергија во нашиот регион“.

Додаде дека во оваа фаза се разгледуваат потенцијалните добавувачи и се спроведува студија, по што ќе бидат доставени конкретни предлози до Грција и во период од 12 месеци би можело да постои јасна слика за целиот проект.

- Реклама -