Петровска: Досега од Армијата не е побарано учество во никаков воен конфликт

„Досега од нашата Армија не е побарано учество во никаков воен конфликт“, изјави министерката за одбрана – Славјанка Петровска, во денешното гостување во дневникот на ТВ Сител.

Министерството за одбрана и безбедносните сили ќе ги следат одлуките на НАТО, посочи таа, но притоа потенцираше дека како земја членка на Алијансата и ние учествуваме рамноправно во донесување на одлуките.

„Она што е значајно како став наш, на државата, но и на НАТО, е дека сакаме преку дипломатски начини и со мирно преговарање или разговарање да се реши овој конфликт меѓу Украина и Русија, затоа што долго време сме сведоци на војни кои можеби биле дел од минатото, но последиците се трпат долго време“, рече министерката за одбрана.

Прашана за идните активности, таа посочи дека проценките на тоа поле се тајни и притоа се во структурата на НАТО, па оттаму и се класифицирани. НАТО, рече Петровска, има за цел да ги штити териториите на земјите членки и нашата држава ја поддржува позицијата на НАТО и врз основа на тоа ги насочува воените активности.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Според министерката, досега од нашата Армија не е побарано да учествува во воени конфликти.

„Ги следиме насоките на НАТО. Веќе учествуваме во механизмите и нема да бидеме изненадени од одлуката. Сепак примерот со македонските војници е јасен – не можеме да навлеземе на територија на држава која не припаѓа на НАТО, во случајов Украина“, рече Петровска.

Според неа, досега од нас не е побарано ниту да примиме дополнителни воени НАТО трупи на нашата територија. За такво нешто, додаде, би одлучувале државниот врв и претседателот.

Извор: МИА

- Реклама -