На ставот на Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, изразен во Поткаст дека Гоце Делчев не оставил ништо зад себе, ниту извојувал битки, а дека е создаден мит околу него, реагираше пратеничката Славјанка Петровска на социјалните мрежи.
„Гоце Делчев не е само историска личност од нашето минато, туку и жива морална и национална вертикала која служи како основа на македонската државотворна свест. Неговиот лик и делото се длабоко вградени во колективната меморија на македонскиот народ, во нашата борба за слобода, правда и самобитност. СДСМ, како партија, својата идеолошка и политичка традиција ја гради врз основите на АСНОМ, антифашистичката борба и непоколебливата определба за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историја. Овие вредности не смеат да бидат предмет на компромис и не смеат да бидат доведени во прашање од позициите во партиските органи.
Верувам дека е време сите ние, со одговорност и зрелост, да се навратиме на суштинските вредности: кои сме, кого претставуваме и каква политичка порака испраќаме кон нашите граѓани. Не е доволно само декларативно да се повикуваме на нашите историски корени, ако во праксата не покажуваме доследност и почит кон нив. Како член на СДСМ и почитувач на тие основни вредности, се оградувам од какви било помисли за доведување во прашање на значењето на Великанот и неговата улога во нашата сегашна слобода. Почитта кон Гоце Делчев не е прашање на дневна политика; тоа е прашање на достоинство, историска свест и одговорност кон идните генерации. Му се поклонувам на Великанот Гоце Делчев, кому му се поклонуваат државници од целиот свет. И повторно, загрижено ќе напишам: ако не се промениме, ќе исчезнеме“, напиша Петровска.




