Петровска: Предлогот за разрешувања е за да испратиме порака дека компромис со безбедноста на патниците и македонското небо нема да има

Авиосообраќајот во земјава е безбеден, а предлогот за разрешување на раководството и Управниот одбор на М-НАВ е за да се испрати пораката дека компромис со безбедноста на авиосообраќајот – нема и не смее да има, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со случувањата во М-НАВ.

– Предлогот за разрешување е бидејќи сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. Истовремено, ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во државата да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата ниту вработените во оваа институција за остварување на своја лична агенда. Она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Република Сеерна Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на „Еуроконтрол“, изјави Петровска.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Таа смета дека раководството на М-НАВ потфрлило во целта да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата.

– Случувањата во М-НАВ особено невозможноста да се воспостави работен ред и дисциплина во институцијата, како и немањето на соодветен дијалог помеѓу работодавците и Синдикатот, очигледно дека предизвикаа бранувања и во јавноста, но и во институциите. Претседателот на Владата, во консултација со мене како министер за одбрана и министерот за транспорт и врски, донесе одлука дека на следната седница, т.е. седницата во вторник на Владата ќе предложи разрешување на директорите и управниот одбор на М-НАВ, рече Петровска.

- Реклама -