Поплаки за моделот Being 737 MAX 8, каков што се сруши во Етиопија, пилотите испратиле до американските федерални власти уште лани во октомври и ноември, пренесува New York Post. Според Dallas Morning News, сите поплаки од пилотите кои летале со овие авиони во тој период се заведени во федералната база на податоци.
Главната поплака се однесува на тоа дека „овој авион бара многу работа од пилотот“. Иронично, но тоа, според пилотите, се должи на автопилотот. Имено, конкретниот авион користи автопилот и при полетувањето, а во низата жалби пилотите наведуваат дека често, непосредно по полетувањето, авионот знае да го насочи носот кон земјата.
За потсетување, и авионот на „Етиопијан Ерлајнс“ се сруши набрзо по полетувањето. Во меѓувреме, по средбата со директорот на Boeing, и Доналд Трамп порача дека „авионите станале прекомплексни за управување“.
„Фактот што овој авион подразбира толку многу работа за да биде во летна состојба, е дефинитивно предупредување“, наведува еден од пилотите. Тој додава и дека е несовесно од федералните власти, како и од авиокомпаниите, што дозволуваат пилоти да летаат со овие авиони, а притоа да не им биде објаснето како моделот MAX 8 се разликува од останатите.
Од друга страна, Американската федерална агенција за авијација (FAA) во соопштението наведе дека при прегледот на авионите од овој модел не е утврдена соодветна причина за нивно приземјување.