Во своето емотивно обраќање, Пиштало зборуваше за своите лични и професионални врски со нашата земја и балканскиот регион, споменувајќи ги блиските односи со уметничкиот директор на фестивалот Александар Прокопиев, како и спомените за македонските писатели Богомил Ѓузел и Лилјана Дирјан. Тој ја истакна важноста на Балканот како регион на културна синтеза и посочи:
– Песната за судирот меѓу Големиот дух на Истокот и Големиот Дух на Западот, составена во името на разумот, не ми пее мене. Никогаш не ми пеела. Како писател не верувам во магична географија. Балканот каде што сум роден е шев. Антена. Мустаќот на мачката. Да се родиш на „лошо место“ значи да се родиш на добро место. На луѓето од границата им е познат „пренаталниот мрак“ на православните цркви. Тие се запознаени со исламското обожавање на светлината и водата и со опсесијата со часовници и ѕвона на Латините. Балканот е привилегирана платформа за набљудување. Нам никој не треба да ни ги објаснува турската или руската култура. Или италијанската, или централноевропската, кога сме веќе тука… Кој запад? Кој исток?
Тој ја нагласи важноста на наградата и нејзината поврзаност со големите имиња на балканската книжевност, изразувајќи особена почит кон Исмаил Кадаре, Георги Господинов, добитници на истата награда.
На затворањето присуствуваше и српската амбасадорка Невена Јовановиќ.
На последната фестивалска вечер беа претставени и писателите Ненад Шапоња, Мајк Дауни и Виолета Танчева-Златкова, кои ги споделија своите мисли за пишувањето и креативниот процес. Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори.
Зборувајќи за својот пристап кон патувањата и пишувањето, Ненад Шапоња, кој дипломирал на Медицинскиот факултет и специјализирал психологија, а истовремено е автор, критичар и издавач, истакна дека „сите ние сме на пат, а како ќе се менуваме на тој пат зависи од нас самите, од нашата љубопитност и страст. Постои еден интересен физиолошки факт – нашите ќелии се обновуваат на секои осум години, што значи дека за осум години, во суштина, сме други луѓе“, и додаде дека тоа што него го фасцинира е како поезијата го следи овој процес на промени, станувајќи дел од патoписот на нашите животи.
Ненад Шапоња и Дејан Трајкоски потпишаа и договор за соработка за размена на Нови Сад и Скопје фелоушип програмите.
И Танчева-Златкова, која пишува и поезија и проза, се осврна на значењето на пишувањето и рече дека доколку некој нема намера да каже нешто, тогаш воопшто не треба да пишува.
– Поезијата се пишува за да се изрази една мала, лична вистина, но истовремено и една поголема, општа вистина која е поврзана со личната. Затоа што кажувајќи ја својата сопствена вистина, ние допираме и до вистините на сите други луѓе – рече таа.
Мајк Дауни, реномиран продуцент, сценарист и автор, кој во својата богата кариера работел со писатели како Гинтер Грас и Давид Гросман, сподели размисли за патувањата, па се надоврза и рече дека неговиот роман дебитантски роман „Истарско злато“, којшто е преведен на македонски јазик, е повеќе патување низ времето и низ историјата и создавање на еден интерен простор.
– Кога цел живот сте во светот на наративи и приказни, некаде во вас секогаш постои желба да се изразите преку најголемата уметничка форма – романот. Филмот и романот се најблиските уметнички форми од аспект на структурата и дисекцијата на човечкиот карактер, значи доктори на душата – додаде Дауни, истакнувајќи го блискиот однос меѓу литературата и филмот.
Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски, кој им се заблагодари на сите гости и на тимот со којшто континуирано работат 12 години на што е посебно горд.
Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, вечерва во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе се прикаже филмот „Караула“ во режија на Рајко Грлиќ, со разговор на продуцентот, Мајк Дауни кој ќе го води Александар Прокопиев.
Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Учесниците на програмата имаа можност да се информираат за Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни дела од македонската книжевност на странски јазици. На средбата со д-р Билјана Туџаровска-Ќупева, раководителка на секторот за издавачка дејност, издавачите и книжевни агенти од Обединетите Арапски Емирати, Франција, Грција Полска, Италија и Шпанија можеа да дознаат повеќе за условите за превод на наши современи изданија на светските јазици. Тие, исто така, имаа средба со претставници од домашните издавачки куќи.
Организатор на фестивалот „Про-За Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, КУД „Содобност“, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Стоби Винарија, СПОНА, Умно.мк и „Метрика Култура“.