Писториус: ЕУ нема да ја исполни целта од еден милион гранати за Украина

Европската унија најверојатно нема да испорача еден милион парчиња муниција на Украина како што беше претходно договорено, изјави денеска во Брисел германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Земјите на ЕУ одлучија да ѝ обезбедат на Украина гранати до март 2024 година за да ја поддржат земјата во нејзината одбрана од Русија.

– Целта од еден милион нема да биде постигната, мораме да го претпоставиме тоа, рече Писториус на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, каде воената помош за Киев беше на врвот на агендата.

Околу 300.000 гранати биле доставени до Киев според договорот досега, изјави претставник на ЕУ.

– Оние кои уште од самиот почеток предупредуваа дека целта е нереална, сега за жал беа во право, рече Писториус.

Германија веќе придонесе „голем дел“ за постигнување на таа цел и ќе продолжи да го прави тоа, додаде Писториус, нагласувајќи дека производствените капацитети сепак се ограничени.

– Има простор за повеќе нарачки, рече шефот за надворешни и безбедносни работи на ЕУ, Жозеп Борел, инсистирајќи дека индустријата ќе има капацитет да ги произведе ветените гранати до следниот март.

Борел, исто така, ги повика земјите-членки да дадат приоритет на извозот на муниција во Украина пред другите земји, со цел побрзо да обезбедат повеќе муниција.

Околу 40 отсто од она што се произведува во ЕУ се извезува, но не доволна количина во Украина, рече тој.

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур го критикуваше фактот дека Северна Кореја може да и испорача муниција на Русија додека ЕУ се бори да го стори истото за Украина.

Прочитајте и:  Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Естонската Влада првпат ја изнесе идејата за програма на ЕУ за муниција за Украина на почетокот на годината.

Летонскиот министер за одбрана Андрис Спрудс рече дека „аспирацијата и амбицијата“ се важни за да се постигне целта.

Борел ја повтори итноста за зголемување на воената поддршка на ЕУ за Украина „за да се задоволат краткорочните и среднорочните потреби на земјата“.

– Тоа значи, покрај снабдувањето со муниција, обезбедување противвоздушна одбрана и зимска опрема и обука на војници, вклучително и пилоти на авиони Ф-16, рече тој.

ЕУ веќе придонесе многу, но „мораме да направиме повеќе и побрзо“, рече тој, додавајќи дека губењето време ќе значи губење животи.

Министрите разговараа и за тоа како долгорочно да ги поддржат вооружените сили на Украина.

Плановите за воена помош од 20 милијарди евра (21,4 милијарди долари) до 2027 година веројатно нема да ја добијат потребната едногласна поддршка.

Борел вчера рече дека во декември ќе претстави нов предлог за безбедносни обврски и воена помош за Украина.

Писториус ги потврди плановите за нова билатерална воена помош за Украина во износ од најмалку осум милијарди евра.

Генералниот секретар на НАТО разговараше со министрите за заштитата на критичната инфраструктура за снабдување со енергија и комуникација, вклучително и подводни цевководи и кабли за пренесување податоци.

Министрите, исто така, ги разгледаа плановите за заеднички сили за одговор, наречени Капацитет за брзо распоредување на ЕУ. Новите сили од 5.000 војници би можеле да бидат подготвени за распоредување до 2025 година.

МИА

- Реклама -