Со музејска тура за посетителите, кои одблиску ја доживеаа поставката која ги поместува границите на современата уметност, вечера вечер, во Музејот на современата уметност беше отворена изложбата на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски.
Светските уметници кои ги исцртуваат ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, вчера вечер ја донесоа својата уметност во Скопје. Низ своите дела тие ги истражуваат културните, социјалните и политичките реалности на денешницата.
-Среќна сум и задоволна што и оваа година успеавме да ја зголемиме колекцијата на МСУ-Скопје со делата на овие двајца влијателни автори на светската уметничка сцена. Дан и Лиа Пержовски се впишаа во листата на донатори на нашиот музеј. Тоа што продолжуваме да остваруваме блиски работни односи со значајни современи уметници, ни овозможува и понатаму да бидеме препознаени во кругот на музеите на современа уметност. Истовремено, на овој начин го зголемуваме и националното културно богатство, културниот капитал на државата – вели Мира Гаќина, кураторка на изложбата.
Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.
Дел од неговата изложба е и интерактивна и на поставката ќе има ѕид, каде посетителите можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.
На изложбата во МСУ се изложени и цртежите кои Дан ги има донирано на МСУ- Скопје.
Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.
Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.
„Во мојот изложбен простор, вели таа, креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Па затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Во рамки на изложбата направив и времеплов на уметноста од нејзините почетоци до денес. Изложбата е повеќеслојна и покрај уметноста и знаењето се занимава и со аспектите кои го градат идентитетот на еден човек“ вели Лиа.
Дан и Лиа Пержовски учествуваа на групната изложба „Лаф муабет“ (Small Тalk) во МСУ во 2001 година. Тие се воедно и на листата донатори на колекцијата на Музејот на современата уметност. Минатата година престојуваа во МСУ, каде одржаа предавање на тема „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“ и работилница „Цртање, разговарање и споделување“.
Придонесите на Ден и Лиа кон современата уметност и натаму се од витално значење, бидејќи активно учествуваат на изложби, водат работилници и се вклучуваат во предавања кои се протегаат низ широк спектар на критични теми. Нивните дела се прикажани на престижни места ширум светот, вклучувајќи ги МоМА во Њујорк, Музејот Гаража во Москва, Уметничкиот центар Вокер во Минеаполис, итн. Покрај нивната уметничка пракса, тие биле вклучени и во кураторски проекти и едукативни иницијативи, вклучувајќи го и времето минато како визитинг професори на Универзитетот Дјук.
Нивната постојана соработка не го одразува само заедничкиот личен живот, туку и длабоката посветеност на истражување и коментирање на светот преку уметноста. Заедно, Дан и Лиа Пержовски остануваат влијателни фигури во глобалната заедница на современа уметност, продолжувајќи да создаваат дијалог и да инспирираат нови генерации уметници.
Фото: Надица Манева Ангеловски
Галерија од изложбата