По терористичкиот напад во Анкара, Турција погоди цели на Курдите во Сирија и Ирак

Според извештајот на турското министерство за одбрана, во воздушната операција во северен Ирак и Сирија успешно се уништени 32 терористички цели, а значителен број терористи се „неутрализирани“. Се додава дека вооружените сили ќе продолжат да се борат за безбедноста на државата додека не остане ниту еден терорист

По терористичкиот напад во Анкара, турските воздухопловни сили погодија цели на Курдистанската работничка партија (ПКК) во северен Ирак и во Сирија, објави Министерството за одбрана на Турција доцна вечерта во средата, јавува турската новинска агенција Анадолу.

Најмалку пет лица загинаа, а 22 се повредени во вчечрашниот терористички напад во Анкара / Фото: EPA-EFE/NECATI SAVAS

Според извештајот на турското министерство, во воздушната операција во северен Ирак и Сирија успешно се уништени 32 терористички цели, а значителен број терористи се „неутрализирани“.

„Турските вооружени сили, кои произлегуваат од нашата благородна нација, ќе ја продолжат борбата против тероризмот со одлучност и решителност за опстанок и безбедност на нашата земја и нација додека не остане ниту еден терорист, како во минатото. За време на овие операции, преземени се сите неопходни мерки за да се осигура дека нема да бидат повредени невините цивили, пријателските елементи, историските и културните добра и животната средина“,

се додава во соопштението на Министерството за одбрана на Турција.

Оттаму додаваат дека синоќешната операција врз цели во Сирија и Ирак е спроведена согласно легитимното право на самоодбрана што произлегува од членот 51 од Повелбата на Обединетите нации (ОН) со цел, како што се наведува, „неутрализирање на ПКК и други терористички елементи за елиминирање на терористичките напади врз јавните и безбедносните сили и обезбедување безбедност на границите“.

Според последниот биланс, во вчерашниот терористички напад во просториите на компанијата „Турска воздухопловна индустрија“ (ТУСАШ) во предградието на Анкара, загинаа најмалку пет лица, а 22 се повредени.

- Реклама -