Започнаа подготовките на македонската олимписка репрезентација


Македонската кошаркарска репрезентација во подмладен состав, главно со кошаркарите кои ќе се наметнуваат кај селекторот Марјан Лазовски, без првотимците кои сè уште имаат активности во своите клубови, денеска ги стартуваше подготовките за квалификацискиот турнир за ЛОИ.

Иако официјалниот почеток на подготовките е закажан за 4. јуни, во пресрет на квалификацискиот олимписки турнир што ќе се одржи во Венецуела, од 2. до 8. јули, сепак со желбата да се видат помладите кошаркари со репрезентативен потенцијал, Лазовски денеска го отпочна подготвителниот циклус.

На првиот собир во националниот тим се играчи од Македонија, дополнети со нашинецот од САД, Тод Зафировски, како и Стојан Ѓуровски, кои ќе се обидат да се наметнат за пат во Венецуела. „Вистинските подготовки почнуваат на почетокот од следниот месец кога ќе се комплетира тимот. Тогаш очекуваме присуство на сите кошаркари со исклучок на Владо Илиевски кој е повреден“ вели Лазовски.

Откако ќе му заврши терапијата во Словенија, на 8 јуни Илиевски треба да допатува во Македонија, а Лестер Бо Мекејлеб до 15 јуни има првенствени обврски за Монтепаски Сиена, па на селекцијата ќе ѝ се приклучи директно во Атланта на 21. јуни.

И двајцата ќе го прескокнат првиот подготвителен турнир во Литванија и дуелите со Русија и домаќинот. Останатите кошаркари ќе бидат на број од стартот на подготовките на 4. јуни…

„Имаме доволно голем период да ги одредиме најдобрите 12 кои ќе патуваат за Каракас на финалниот предолимписки турнир. Планирани се пет до шест тест дуели преку кои ќе се темпира формата. Освен оние дуели во Литванија, во Атланта имаме тест дуели со комбинираниот универзитетски тим, а потоа закажана е пресметка и со репрезентацијата на Порторико“ истакнува Лазовски.

На турнирот во Каракас, Венецуела, ќе учествуваат 12 репрезентации од кои само за трите најдобри ќе има место на Олимпијадата во Лондон.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -