Поднесени вкупно седум амандмани на уставните измени

До Собранието на Република Македонија се поднесени вкупно седум амандмани на предлог-амандманите на Уставот. Амандмани немаат поднесено опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како ни СДСМ и ДУИ.

Зијадин Села и Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците поднеле амандман на членот 2 став 2. Тие бараат зборовите „македонско/граѓанин“ да се замени само со зборот „граѓанин“. Со тоа би се овозможило „еднаквост во изразувањето на државјанството“ на сите граѓани на Р. Македонија, образложуваат од АА.

Фадил Зендели и Теута Билали од Беса поднеле амандман на истиот став, но нивниот предлог е став 2 да гласи: „Од денот на влегување во сила на амандманот XXXIII, граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија“.

Амандман за ставот 2 поднел и Мухамед Зекири од СДСМ. Тој бара да се допрецизира ставот 2 со тоа што на крајот од реченицата ќе се додадат зборовите: „што не ја определува ниту пак ја прејудицира етничката припадност на граѓаните“.

Речиси истото барање за член 2 став 2 го има и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, само што тие предлагаат зборовите да гласат: „со што не ја предодредува етничката припадност на граѓаните“. Така би се постигнало дистинкција на државјанството и етничката припадност на сите граѓани на Р.М., а амандманот би спречил да бидеме Северномакедонци и би гарантирал дека „ќе бидеме Македонци, како што и другите припадници се и ќе бидат Албанци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други“, се вели во образложението.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Вториот амандман на Села и Рашиди од Алијанса на Албанците се однесува на додавање на член 1-а, кој ќе гласи: „Државната граница на Република Македонија е нејзината постојна граница со Република Албанија, република Бугарија, Република Грција, Република Србија и Република Косово“. Вакво нешто било неопходно бидејќи Р. Македонија ја признала Република Косово, образложуваат тие.

Вториот амандман на пратениците од Независната пратеничка група се однесува на членот 1 став 2 од уставниот закон. Тие предлагаат тој да гласи: „Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку веднаш не се исполнат условите утврдени во ставот 1 на овој член“. Со таквиот амандман би се загарантирала позицијата на Република Македонија во спроведувањето на Преспанскиот договор и Протоколот за НАТО.

Со иста цел е поднесен и нивниот трет амандман. Со него се предлага во член 1 став 2 од уставниот закон на крајот од реченицата да се додадат зборовите: „и Собранието на Република Македонија веднаш пристапува кон измена на Уставот на Република Македонија“.

Седницата на собраниската Комисија за уставни прашања се одржува денеска, а пленарната седница се очекува да биде закажана од 9 јануари 2019-та. Ова е третата и последна фаза од уставните измени.

Извор: А1он.мк

- Реклама -