Од 16ти до 18ти август по 36и пат ќе се одржи настанот Velestovo Poetry Night (Поетска ноќ во Велестово).
Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, Кина, Хрватска, Србија и Македонија.
Творештвото нa поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Преку настанот „Поетско интермецо“ странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид.
Отварањето ќе биде на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.