Поетски настани ширум земјава во чест на Светскиот ден на поезијата

По повод Светскиот ден на поезијата денес се одржуваат повеќе настани, и тоа во Скопје, Струга и Струмица.

Централен настан е свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ во рамки на Струшките вечери на поезијата. Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата подоцна организираат поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга на кое ќе настапат истакнати поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево и од
Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година. Читањето ќе биде од 18:30 часот.

Во склоп на настаните ќе се одбележи и 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Кочо Рацин и на 80 години од објавувањето на „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.

Од денеска до 24 март во „Скопје Сити Мол“ ќе се одржи манифестацијата „Денови на поезијата“. Свеченото отворање ќе се одржи вечер во 18 часот во главниот влез на трговскиот центар. Во изведба на актерот Никола Ристановски, публиката ќе чуе дел од поезијата на македонските класици, а беседата на отворањето ќе ја одржи Весна Мојсова-Чепишевска. Поезијата на Шопов ќе се чуе и на повеќе јазици, во превод на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, при што збор ќе земе и деканот, Владимир Мартиновски.

Од следниот ден – 22 март, на различни локации низ трговскиот центар ќе се одржат повеќе настани по повод одбележувањето. Поетски читања во книжарницата „Литература.мк“, проекција на анимирани филмови инспирирани од поезијата во „Синеплекс“, разговори со македонски поети, рецитаторски натпревар за ученици од сите основни и средни училишта од државата и настани посветени на најмладите.

Настанот е во организација на „Скопје Сити Мол“ и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, со поддршка од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, книжарницата „Литература.мк“, „Синеплекс“, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“.

Во чест на Светскиот ден на поезијата, во Europe House – Струга вечер  во 20 часот ќе биде организирано и поетско читање „Пулсот на поезијата“ на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и Куманово, по што ќе следува музички настап на ПИЈАН СЛАВЕЈ.

Оваа година, првпат, со заедничка иницијатива на Струшките вечери на поезијата и Министерството за образование и наука, по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата е објавен конкурс за избор на најдобра песна, наменет за учениците од основните и средните училишта. Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз.

Исто така, за првпат оваа година во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик ќе се организира и еден специјален час посветен на Светскиот ден на поезијата.

Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на „Струшките вечери на поезијата“ како еден од најзначајните светски поетски фестивали.

Книжевниот клуб Куманово на 23 март (сабота) го организира настанот „Во друштво на поетите“ во кафе-книжарницата „Букси“ во Куманово. На настанот кој ќе започне во 12 часот свои стихови ќе читаат Христина Кочовска, Христијан Илиевски, Александра Илиева, Розе Укоска, Кристина Ставревска, Магдалена Петровска, Марија Колевски, Софија Величковска, Анастасија Анѓеловска, Даниела Ефтимова, Јована Лазаревска, Андреј Трајковски, Кристијан Блажевски, Бојан Димовски, Христијан Мурџески, Соња Милошоска и Рената Пусоска.

„Напиши стих – купи кафе“ е настанот што ќе се случува утре (21 март) од 10 до 12 часот во Прличевата одаја во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

„Тоа е наш обид да ги натераме луѓето да бидат креативни, да размислуваат не само локално туку и глобално и за себе и за другите, на еден посебен начин. Оваа иницијатива е почната во 1999-та година, кога УНЕСКО во Париз го прогласи 21 Март за Светски ден на поезијата, а ние веќе петта година како Установа го организираме настанот, во Охрид“, велат од библиотеката.

Во Струмица „Роднокрајни поетски средби“

По повод Светскиот ден на поезијата, Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со Европската куќа во Струмица (Europe House Strumica) денеска со почеток во 19 часот го организира 16-то издание на „Роднокрајни поетски средби“.

Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. 

Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, да го сторат тоа. 

Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство.

Библиотеката „Кочо Рацин“од Пехчево веќе осум години се придружува на кампањата „Плати кафе со поезија“ со читање авторски дела од познати македонски поети и писатели.

Светскиот ден на поезијата се одбележува на 21 март и бил прогласен од УНЕСКО (Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации) во 1999 година, „со цел да се поддржи јазичната разновидност преку поетско изразување и да се зголеми можноста да се чујат загрозените јазици“.

Негова цел е да го промовира читањето, пишувањето, објавувањето и предавањето поезија низ целиот свет и, како што се вели во оригиналната декларација на УНЕСКО, „да им даде свежо признание и поттик на националните, регионалните и меѓународните поетски движења“. 

- Реклама -