Политичките одговори на неполитичките прашања

ObamaLaughingBigw-BidenAP_600[1]

Интервјуто на еден хрватски политичар, што ќе го прочитате во продолжение, е една убава потврда дека политичарите се секаде исти. Наводно, интервјуто е вистинито, макар што нашето мини-истражување покажа дека веројатно се работи за форумско предизборно спрдачење со Милан Бандиќ. Вистинито или не, неверојатно е колку е точно и прецизно:

1. Како почнал универзумот?

Јас не сум научник, јас сум работник. Мене работата ми е на прво место. Ако не ми верувате мене, прашајте ги загрепчани и погледнете што е направено во Загреб во последните десет години.

2. Можно ли е патување низ времето?

Апсолутно. Зошто не? Сé е можно. Ако имаш волја и ако сакаш да работиш. Јас отсекогаш сум велел дека трудот е најважен. А јас отсекогаш сум бил голем работник. Јас не ти застанувам во едно место. Работам шеснаесет часа дневно, спијам четири, и секое утро истрчувам 10 километри. Да не бев таков отсекогаш, да не бев така воспитан, немаше ни Загреб да стане тоа што стана во последните десет години откако јас сум на чело.

3. Која е смислата на животот? Зошто сме овде?

Јас сум овде заради народот, заради народот и се кандидирав за претседател на државата. Тоа веќе многу пати го имам кажано. Многу од луѓето во оваа земја, низ изминатите години ја изгубија животната смисла, ја изгубија надежта. Токму заради тие луѓе и се кандидирав.

4. Сме настанале ли од мајмуни?

Јас ги сакам сите животни. Како што подеднакво ги сакам и сите луѓе. Така ме воспитувала мајка ми и така ме учел татко ми, уште додека сум бил мал.

5. Можат ли машините/компјутерите да имаат свест?

Компјутери? Јас користам компјутер веќе 15 години, уште од времето кога никој ги немаше. И сам ја уредувам мојата веб страница – преку која како градоначалник на Загреб секогаш стоев на располагање на граѓаните во последниве 10 години и одговарав на сите нивни прашања.

Хахахахах, ѕвер!
„Хахахахах, ѕвер!“

6. Што е смртта и зошто се плашиме од неа?

Јас не се плашам од ништо.

7. Сами ли сме во вселената?

Вселената ја створил Бог, како што го створил и човекот и како што го створил целиот свет. Јас отсекогаш станувам во 6:30 и пред да претрчам 10 километри, се помолувам на милозливиот Бог кој ме води и учи да бидам праведен и чесен. Впрочем, и мајка ми така ме има воспитано.

8. Дали моралните вредности се релативни, или се апсолутни?

Мене моралот ми е најважна човечка особина. На тоа нé учи Библијата. Мене, инаку, Библијата ми ја подари мојот брат уште додека бев дете. И ја прочитав во еден ден. И да не ги научев сите тие нешта од Библијата, немаше да го направам сé она што го направив во Загреб во последните 10 години.

9. Како да разликуваме добро од зло?

За мене најголемите вредности се богољубието, домољубието, и човекољубието. Јас еве и сега носам крст околу вратот, овде под кошулата.

10. Треба ли богатите да им помагаат на сиромашните?

Јас не сум богат човек. Ама прашајте ги жителите на Kozarjeg Boka кои порано немаа ни канализација ни вода, а впрочем прашајте и било кој жител на Загреб за напредокот на градот во последните 10 години од кога јас сум на чело.

Крај

…Патем, ова е ликот. Секоја случајност со што и да ви паѓа на памет е случајна.

- Реклама -