Официјални претставници во Брисел бараат зголемување на буџетот за 27,5 отсто за претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, најверојатно за да се плати повеќе за неговите меѓународни патувања, во време додека се обидува да ги реши дипломатските последици од војната во Украина, се наведува во интерен документ на Брисел во кој увид имаше „Политико“.
Буџетот „кој е наменет за функцијата претседател на Европскиот совет“ ќе се зголеми од два милиони евра на 2,5 милиони во 2024 година, се наведува во пресметката на трошоците за канцеларијата на Мишел.
Ова зголемување е главно поради „скапите патни трошоци поради интензивната меѓународна активност поради руската агресија врз Украина“, пишува во документот.
Зголемувањето на буџетот веројатно ќе ги налути некои европски влади, кои веќе сметаат дека Мишел троши премногу време на надворешната дипломатија, наместо да ги координира компромисите во земјите на ЕУ.
Поголемиот буџет би се одразил и на повисока плата поради инфлацијата, како што тоа е случај во другите одделенија на Советот.
Се очекува дека платите во Советот ќе се зголемат за 6,1 отсто, според документот.
Портпаролот на Мишел, Баренд Лејтс, нагласи дека е загрижен поради „техничкиот документ за кој кабинетот на Мишел не бил консултиран, ниту пак бил вклучен“.
„Кабинетот не интервенира во вакви процедури. Ова е само проценка на трошоците“, рече Лејтс.
Претставник на Европскиот совет рече дека техничките табели во таквите документи се „тешки за читање“ и укажа на поинаква табела во документот за патните трошоци.
Според таа табела, патните трошоци на Мишел во 2022 година биле 1,7 милиони, а во 2024 година се очекува да отидат на 1,9 милиони, што е зголемување од 12 отсто.
Претставникот на Советот додаде дека ова делумно се должи на инфлацијата и затоа што Мишел многу патувал во 2022 година поради војната на Русија во Украина.
Сепак, според истата табела, проценетиот буџет за патувања за 2023 година е намален на 1,4 милиони, што е за 34 отсто помалку од проектираните 2,5 отсто за 2024 година.
МИА